Обвинетиот Велибор Манев денеска со солзи и каење го заврши својот завршен збор на судењето за монструозните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Тој изјави дека е длабоко засрамен и дека цел живот ќе жали што, како што рече, бил изманипулиран од првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо, кому, според неговите зборови, му ја дал „душата на тацна“.
„Верував дека ќе грабнуваме луѓе за пари. Никој не ми рече дека ќе ги убиваме. Му верував, а тој ме измами и ме претвори во будала која си го уништи животот“, рече Манев со кренат глас, обидувајќи се да ги задржи солзите.
Во сведочењето пред судот, Манев посочи дека Палевски самиот му се јавил од турската граница и му наредил да стапи во контакт со лице со иницијали З.Д., вработен во Народна банка и член на политичката партија Десна. Целта, според Манев, била да се „отстрани и уништи пакетот“ – збор кој го користеле за ранецот со оружје.
„Лажев за него, иако знаев дека постојат камери. Тоа беше мојот грев. Сакав да му помогнам, а тој ме уништи“, додаде Манев, повикувајќи се на моментите пред и по киднапирањата, кога, според него, Палевски тврдеше: „Јас сум најстар, јас ќе носам одговорност.“
Според обвинението, жртвите биле свирепо егзекутирани со пиштол од страна на Палевски, по киднапирање организирано од него и помагано од останатите обвинети, вклучувајќи го и Манев.
Од другата страна, адвокатот на Љупчо Палевски, Јовица Страшевски, денеска во својот завршен збор побара ослободителна пресуда. Тој нагласи дека Палевски е обвинет врз основа на само 17 докази, ниту еден од кои, како што тврди, не го поврзува директно со кривичните дела.
Судскиот процес се очекува да заврши наскоро, по што ќе биде соопштена пресудата која јавноста ја очекува со особено внимание, поради бруталноста на убиствата кои ја потресоа земјата.