Следува период на стабилно, сончево и многу топло време со мала до умерена облачност, покажува петдневната прогноза. Температурите се во пораст и веќе од четврток (03.07) дневните вредности ќе се движат од 32°C до дури 39°C, а од сабота до понеделник (05–07.07) на некои места се очекува да надминат 40°C.
Минималните температури во овој период ќе се движат помеѓу 11°C и 23°C, што значи дека и ноќите нема да донесат значително освежување.

Во недела (06.07), во попладневните и вечерните часови, има услови за локална нестабилност проследена со краткотраен пороен дожд и грмежи, но температурите ќе останат високи.
Граѓаните се повикуваат на внимателност, особено во најтоплиот дел од денот (12–17 часот), со соодветна хидратација и избегнување директна изложеност на сонце.