На граничниот премин „Табановце-Прешево“ денеска официјално се пушта во употреба системот „One Stop“ за заедничка и интегрирана контрола со Србија.
На свеченото отворање ќе присуствуваат министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.
„Денеска сме тука за да дадеме поддршка и да го насочиме вниманието на јавноста кон оваа значајна мерка која ја спроведуваме заеднички“, изјави министерот Тошковски, најавувајќи дека новиот систем ќе овозможи значително побрз проток на патници на најфреквентниот граничен премин во државата.
Целта на „One Stop“ е да се намали метежот на границите, особено во летниот период кога се бележи зголемен број на патувања.
Паралелно, започнати се и првични активности за воведување на сличен систем на граничниот премин Пелинце–Прохор Пчински, информираше директорката на Царинската управа.
Системот „One Stop“ веќе функционира со Косово на премините Блаце и Јажинце, а се водат разговори и со Албанија за негова примена на два гранични премина. Со Бугарија и Грција, како членки на ЕУ и Шенген-зоната, се планирани организациски подобрувања за поефикасна контрола.