Македонија

Советите во Врховниот суд следната недела ќе одлучуваат по жалбите на судијките од Апелација за случајот Телеком откако Судскиот совет донесе одлука за нивни разрешување 

Советите во Врховниот суд следната недела ќе одлучуваат по жалбите на судијките од Апелација за случајот Телеком откако Судскиот совет донесе одлука за нивни разрешување 

В среда на 9 јули, Советите кои постапуваат по жалбите на трите судијки од Апелација, ќе одржат седница, велат од кабинетот на претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија. Одлуката за формирање на советите Врховниот суд ја донесе на 12 јуни годинава, што значи дека финалната одлука ќе биде донесена најдоцна на почетокот на август. 

Жалбите на трите судијки од Апелација се однесуваат на одлуката на Републичкиот судски совет за разрешување на две од нив, а за третата е предвидена парична казна, затоа што пријавила сомнеж за одредени неправилности при носење на одлуката за предметот.  

Со одлуката на Апелација, која ја разгледуваше Судскиот совет, Телеком треба да ѝ плати отштета од 4 милиони евра на фирмата која имала склучено договор со Телеком во периодот од 2001 до 2002 година. Граѓанскиот суд во Скопје,  минатата година пресудил во корист на Телеком, бидејќи судот утврдил дека се работи за фирма со еден вработен, која повеќе години била со блокирана сметка, а била повторно активирана непосредно по донесување на второстепената пресуда. 

Судскиот совет констатираше прекршувања од Апелација во процесот на постапување по жалбата на одлуката во првостепената постапка и покрај другото утврди постоење на фалсификувани записници. Исто така, надвор од Законот за парнична постапка, пресудата со која се преиначува првостепената одлука била донесена без одржување на јавна расправа. 

И во Основното јавно обвинителство се интензивира постапката. Оттаму велат: 

„Во предметот се преземени повеќе дејствија и испитани се повеќе лица. Воедно прибавен е целокупниот предмет за граѓанската постапка, како и други докази. Прибавена е и одлуката на Судскиот совет по однос на постапувањето на судиите во конкретниот случај. Се преземаат и други дејствија во предистражна постапка, по што ќе биде донесена јавно обвинителска одлука. Во меѓувреме, по предлог на јавниот обвинител, Судот определи мерки за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции“. 

Основното јавно обвинителство, отвори постапка за овој случај откако заменик претседателот во Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски, поднесе пријава. Пријавата до ОЈО на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски се однесуваше на утврдување како е преиначена првичната одлука на Основниот суд од стана на Апелација. Во Телеком удел од 35% има и државата, која назначува свои претставници во компанијата. 

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни