Македонија

Во 14 часот ВМРО-ДПМНЕ ќе го објави кандидатот за градоначалник на Скопје – Орце Ѓорѓиевски најсериозен претендент

Во 14 часот ВМРО-ДПМНЕ ќе го објави кандидатот за градоначалник на Скопје – Орце Ѓорѓиевски најсериозен претендент

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска напладне заседава за да донесе одлука за кандидатот на партијата за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори, кои ќе се одржат во октомври. Според партиски извори, одлуката е веќе договорена, а името на кандидатот ќе биде јавно соопштено на прес-конференција која ќе ја одржи лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски во 14 часот.

Иако сè уште нема официјална потврда, најсериозен кандидат, според неофицијални информации, останува актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Неговото име веќе подолго време циркулира во јавноста како потенцијален избор на ВМРО-ДПМНЕ за трката за Скопје, а во последните денови се засилени сигналите дека тој ќе добие поддршка од врвот на партијата.

Партиски извори брифираат дека одлуката ќе биде образложена со аргумент за континуитет, политичка стабилност и веќе покажани резултати на терен во општината која ја води Ѓорѓиевски. Очекувањата се дека неговата кандидатура ќе биде претставена како дел од поширока стратегија за задржување и проширување на локалната власт што ВМРО-ДПМНЕ ја освои на изборите во 2021 година.

Покрај кандидатот за Скопје, партијата до крајот на месецов планира да го објави и поголемиот дел од останатите имиња за градоначалници низ државата, при што се најавуваат и коалициски договори со партнери како ЗНАМ.

Сите детали ќе бидат официјализирани на денешната прес-конференција на премиерот Мицкоски, закажана за 14:00 часот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни