Македонија

Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети

Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да има данок за неженети и немажени лица во Македонија, појаснувајќи дека неговата претходна изјава е погрешно протолкувана. „Сакам јасно да потенцирам – нема да има таков данок. Се извинувам на сите кои тоа го разбраа поинаку, но фактот е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека како премиер чувствува одговорност да зборува за демографските предизвици, потенцирајќи дека бројките се алармантни. „Во 2016 година имавме 23.000 новородени, а во 2024 само 16.000 – тоа е пад од 30%. Кај браковите, од 13.300 во 2021, бројката во 2024 падна на 11.100, што е намалување од 17%“, посочи Мицкоски.

Според него, овие трендови не треба да се игнорираат, бидејќи населението „тихо исчезнува и тоа премолчено“. Мицкоски подвлече дека финансиските стимулации сами по себе не се доволни, наведувајќи го примерот на Јужна Кореја, каде што и покрај огромни државни вложувања, стапката на фертилитет останала најниска во светот.

„Не е до парите, туку до срцето, до главата, до желбата и умот“, порача премиерот, нагласувајќи дека е потребна заедничка национална акција, поддршка на семејните вредности и воспитување на младите од најрана возраст.

Мицкоски најави дека ќе продолжи да инсистира темата за семејството и демографијата да биде во фокусот, како што било и во неговата изборна програма. Тој ги повика сите на јавна дебата за изнаоѓање трајни решенија за демографската криза во земјава.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни