Голем шумски пожар избувна попладнево во реонот на Скопска Црна Гора, над село Блаце, и сè уште е активен. Пожарот е интензивен и разгорен, а чадот и пламените јазици се јасно видливи и од делови на градот Скопје, предизвикувајќи вознемиреност кај граѓаните.
Поради непристапноста на теренот, Центарот за управување со кризи (ЦУК) испрати итно барање за воздухопловна поддршка, по што во акција се вклучи Хеликоптерската единица за полициски намени при Министерството за внатрешни работи (МВР).
Хеликоптерот Bell 412 изврши седум налети, при што беа исфрлени вкупно 10 тони вода врз зафатениот предел. По завршувањето на акцијата, поради намалената видливост и започнување на ноќните услови, хеликоптерот се врати во базата.

Според информациите, пожарот зафаќа ниска и мешана вегетација, а постои опасност од негово проширување доколку ветерот продолжи да дува со ист интензитет. На терен се присутни и противпожарни единици и други надлежни служби кои се координирани од ЦУК.
Надлежните апелираат до граѓаните да не се приближуваат до подрачјето на пожарот и да пријавуваат нови случаи на бројот за итни повици 112. Ситуацијата се следи будно, а за утре се најавуваат нови проценки и евентуално продолжување на гаснењето со хеликоптер.