Македонија

ВИДЕО Град Скопје: Инспектор од МВР фатен на дело при див приклучок на водоводната мрежа, нападната советничка Витина

ВИДЕО Град Скопје: Инспектор од МВР фатен на дело при див приклучок на водоводната мрежа, нападната советничка Витина

Град Скопје соопшти дека при вонредна теренска контрола било затекнато лице – инспектор во Министерството за внатрешни работи – како се обидува нелегално да се приклучи на мрежата на ЈП „Водовод и канализација“. Од Градот велат дека ваквата постапка претставува кривично дело и директно предизвикува штета врз јавниот имот.

Според соопштението, истиот инспектор физички и вербално ја нападнал советничката Ирена Витина, како и уште едно лице од Инспекторатот на Град Скопје, пред очите на униформирани полициски службеници кои не реагирале на нападот.

За случајот се огласи и градоначалничката Данела Арсовска со објава на социјалните мрежи, во која остро реагира на состојбите со водоснабдувањето и дивите приклучоци.

„Водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика. Рашче, сред суша и високи температури, има намален капацитет, а потрошувачката во последниот месец достигна рекордни 356.000 м³ дневно, што значи по 700 литри вода по жител“, напиша Арсовска.

Таа додаде дека секојдневно се откриваат по 30 диви приклучоци за наводнување ниви, полнење базени и снабдување дивоградби, а МВР не презема соодветни мерки. „Додека не биде казнет барем еден од овие сторители, состојбата ќе се влошува“, предупреди градоначалничката.

Според Градот, сторител на последниот случај е извесен инспектор од МВР со прекар Бујо, кој во моментот на апсењето физички ја нападнал Витина пред 10 сведоци, а целиот настан бил снимен.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни