Мажот кој беше пронајден починат по вчерашниот пожар во близина на Крива Паланка загинал додека се обидувал сам да го изгасне огнот што се приближувал до неговиот дом.
„Денеска (09.07.2025) од страна на полициски службеници од ОВР Крива Паланка во близина на пожар во с. Лозаново, кривопаланечко било пронајдено починато лице. Во присуство на јавен обвинител се врши увид“, вели МВР.
Од Основното јавно обвинителство Куманово информираат дека јавен обвинител извршил увид на лице место. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатото лице, а се очекуваат официјалните наоди кои ќе ја потврдат причината за смртта.
„Увидните дејствија се делумно завршени, бидејќи на дел од опожарената локација сè уште постои опасност од разгорување и не се создадени услови за целосен пристап“, соопштија од обвинителството.