Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со дел од вработените во Градот и советник од Советот на Град Скопје, денеска биле физички нападнати за време на увид на дивоградба на улицата „Кумбара“ во општина Чаир.
Според официјалните информации од МВР, нападот во СВР Скопје го пријавило лице со иницијали А.Ј. Во информацијата се наведува дека инцидентот се случил околу 12:15 часот, при што повеќе лица упатиле и сериозни вербални закани кон Арсовска и нејзиниот тим. По нападот, градоначалничката не сакала да поднесе пријава и се упатила во ГОБ „8 Септември“ за укажување лекарска помош.
„На 11.07.2025 во 12:15ч од страна на А.Ј. во СВР Скопје пријавено е дека при извршување работни задачи на ул. ‘Кумбара’ физички била нападната градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска и дека повеќе лица и упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот по што се упатила во ГОБ 8 Септември за укажување лекарска помош“, стои во соопштението на МВР.
Нападот се случува по неколку јавни истапи на Арсовска, во кои посочи дека прима закани по животот и дека поднесува пријави против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Дивоградбата заради која се извршувал увидот се наоѓа во близина на полициската станица Бит Пазар. На терен, покрај градоначалничката, присутни биле и советник од Советот на Град Скопје, секретарот на Градот, раководител на сектор и службени лица од секторот за урбанизам, како и инспектори од Градот.
Според информации на Инфомакс, нападот се случил пред очите на полициски службеници, а на него му претходеле и сериозни вербални закани, вклучително и закани по живот, закани за силување, како и закани кон семејствата и децата на тимот на Град Скопје.