Македонија

ВИДЕО Приведени девет лица во акција за сузбивање на трговија со луѓе и илегална миграција

ВИДЕО Приведени девет лица во акција за сузбивање на трговија со луѓе и илегална миграција

Во рамки на голема меѓународна полициска акција, македонската полиција приведе девет лица поради инволвираност во трговија со луѓе, илегална миграција и поврзани кривични дела. Акцијата, спроведена во соработка со 43 држави и меѓународни организации, вклучувајќи ги Европол, Интерпол и Фронтекс, се одвиваше низ цела Европа во текот на изминатиот месец, а координацијата беше централизирана од Варшава, Полска.

На територијата на Македонија беа идентификувани девет кривични дела – меѓу нив трговија со луѓе, запуштање и малтретирање на дете, фалсификување исправа и нелегална трговија со оружје. Во операцијата, беа приведени осум лица, а уште едно лице е приведено во Тетово, по распишана меѓународна потерница од Словачка за трговија со луѓе.

Откриени се девет жртви на трговија со луѓе, од кои шест се малолетни лица. Запленети се оружје и муниција, а поднесени се и прекршочни пријави против лица и правни субјекти поради нерегулиран престој, неправилности во работењето и други прекршоци.

Во акцијата на национално ниво учествуваа над две илјади полициски службеници, кои извршија проверки на 2.232 лица, 1.598 возила и над 500 локации низ земјата. Операцијата имаше за цел да ги зајакне капацитетите на институциите во борбата против трговијата со луѓе преку подобрена меѓународна соработка и координација на надлежните органи.

Од МВР нагласуваат дека борбата против трговијата со луѓе останува еден од врвните приоритети и дека ваквите акции продолжуваат во соработка со сите засегнати институции на национално и меѓународно ниво.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни