Македонија

Шест бесплатни обиди за вештачко оплодување на товар на ФЗО – нови олеснувања за семејствата што се борат за потомство

Шест бесплатни обиди за вештачко оплодување на товар на ФЗО – нови олеснувања за семејствата што се борат за потомство

Семејствата во Македонија кои се соочуваат со проблеми при зачнување отсега ќе имаат право на шест обиди за биомедицински потпомогнато оплодување (БПО) на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), наместо досегашните три. Оваа значајна новина е дел од законските измени усвоени на 10 јули во Собранието, информираа генералните директори на ФЗО, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов.

Како што истакна Клековски, измените ја вклучуваат БПО во основниот пакет на здравствени услуги, се зголемува бројот на обиди, а воедно се врши и усогласување на ослободувањето од партиципација, со што се намалуваат финансиските бариери за идните родители.

„Дополнително, времето за одлучување за доделување на ваучер за БПО е скратено од три месеци на две недели, а целиот процес е дигитализиран, што значи дека и административните процедури се поедноставени“, изјави Клековски.

Освен во делот на оплодувањето, Фондот воведува промени и за лекување во странство. Според новите одредби, второстепената комисија ќе одлучува само по жалби, а не и врз основа на мислење од првостепената комисија, со што се скратува процесот и се гарантира двостепено одлучување.

„Рокот за одлучување се скратува од 45 на 30 дена, а се укинува и склучувањето договори со странски болници, кое досега во пракса се покажуваше како неприменливо“, додаде Клековски.

ФЗО забележува дека се зголемува бројот на брачни парови и поединци што се соочуваат со потешкотии при зачнување, при што успешноста значително се подобрува со повеќе обиди за третман. Со новите измени, државата прави чекор напред кон поддршка на репродуктивното здравје и правото на родителство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни