Петар Ѓ. (62) од Прилеп, кој завчера изврши двојно убиство, а потоа се самоуби по вооружен судир со полицијата, во минатото веќе бил пријавен за употреба на огнено оружје, но делото е застарено, информираат од ОВР Прилеп.
Како што посочуваат од полицијата, против П.Ѓ. постоела една кривична пријава од 2002 година за предизвикување општа опасност, откако пукал во кафеана. Иако граѓаните го опишуваат како конфликтна личност со проблематичен карактер, во полициските евиденции не се регистрирани други пријави или поплаки против него.
„Против П.Ѓ. не постои друга активна кривична пријава во изминатите години, освен онаа од 2002 година, која веќе е застарена“, велат од ОВР Прилеп.
Оружјето со кое го извршил убиството било легално поседувано. Тој го добил по основ на наследство, а дозволата била издадена во 2012 година и обновена во 2022 година, пишува Мета.мк.
Во трагичниот настан што се случи на улицата „Стеван Апостолоски“ во Прилеп, животот го загубија 43-годишниот Панчо Ч. и неговиот 13-годишен син Милан Ч. Според информациите од истрагата, Петар Ѓ. прво ги повикал во својот дом, каде ги застрелал поради, како што се претпоставува, семејни недоразбирања и нерасчистени имотно-правни односи. Потоа пукал и кон полициските службеници и фрлил рачна бомба, по што извршил самоубиство.
При увидот, во присуство на јавен обвинител, биле пронајдени чаури од огнено оружје, траги од проектили, една рачна бомба М93 и два пиштоли – со калибар од 9 мм и 7,65 мм. Засега не е познато потеклото на рачната бомба.
Од ОВР Прилеп објаснуваат дека полицијата на местото на настанот пристигнала по 21:20 часот, кога и била примена првата пријава. До тој момент, не постоела никаква претходна пријава за закани или сомнително однесување од страна на Петар Ѓ.
Убиените татко и син беа погребани денеска на Старите градски гробишта во Прилеп.