Македонија

ФОТО Вакви се условите во зградата на МРТ, на 40 степени без капка вода

ФОТО Вакви се условите во зградата на МРТ, на 40 степени без капка вода

Во срцето на Скопје, сместени во зградата на Македонската радио телевизија, дел од државните институции веќе две недели функционираат без пристап до вода. Да, во 21 век, на над 40 степени целзиусови, вработените немаат каде да се измијат раце, да одат во тоалет или едноставно – да задоволат основни хигиенски потреби, пишуваат граѓани на социјалните мрежи.

Од вториот кат нагоре, вода едноставно нема. Мириса на урина, велат сведоците, а некои службеници по нужда одат во East Gate Mall, во Веро или – иронично – во нефункционалните тоалети во сопствената зграда, каде што потоа не можат ни да пуштат вода.

Како што велат, проблемот е во притисокот на водата. Но прашањето е – ако навистина е само тоа, зошто надлежните институции не најдат решение? Зарем е потребно да повикаме странска помош за да се воспостави водоснабдување во една јавна институција?

Овие институции не се таму за себе – туку за граѓаните. Ако вработените немаат основни услови за работа, значи дека и граѓаните се лишени од квалитетни услуги.

-И додека институциите молчат, а МРТВ – која исто така се наоѓа во истата зграда – не смета дека ова е тема од јавен интерес, за среќа има медиуми што решија да го отворат ова прашање, велат граѓаните.

Затоа што ова не е само проблем со вода – ова е метафора за тоа колку ни е суштински „сув“ системот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни