Пожарот што избувна во фабриката за прехранбени производи ДПТУ „Мирана“ ДООЕЛ во Велес, синоќа (04.08.2025), е целосно локализиран рано утринава, на 05.08.2025 година, во 04:00 часот.
Според информациите добиени од СВР Велес и Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес, пожарот бил пријавен во ТППЕ во 22:00 часот, а во СВР Велес во 22:20 часот. Пожарот зафатил магацински простор во кој се чувала пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцеларии со документација и други предмети.
Иако пожарот е ставен под контрола, на одредени места сè уште има слаби чадења, поради што екипите остануваат на терен со цел спречување на можно повторно разгорување.
Во гаснењето на пожарот учествуваа:
3 противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени,
1 возило од ЈКП „Дервен“,
2 специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС),
како и 6 полициски службеници од СВР Велес.
Засега не се пријавени повредени лица, а увидот за утврдување на причините за избувнување на пожарот е во тек.