Истражувачи од Македонското еколошко друштво (МЕД), при редовни теренски активности на островот Голем Град во Преспанското Езеро, откриле дека најстарите шумски желки имаат врежани броеви на долниот дел од оклопот – пластронот.
Според МЕД, ознаките не одговараат на ниту еден современ метод за идентификација на животни и најверојатно се направени пред неколку децении. „Врежаните бројки не изгледаат како скорешни и веројатно датираат барем 30 години, а можеби и повеќе од 50 до 70 години. Останува нејасно дали станува збор за поранешна научна активност или за неформално следење од биолози-аматери или други лица“, наведуваат од друштвото.
И покрај разговорите со локални жители и консултациите со колеги, потеклото на ознаките останува непознато.
Голем Град е познат по една од најгустите и најнеобични популации на шумски желки во светот, но таа се соочува со сериозни предизвици – нарушен полов сооднос и негативни ефекти од климатските промени. Од МЕД нагласуваат дека само преку заеднички научни истражувања и утврдена методологија може да се утврдат мерки за нивна заштита.
Од друштвото ги повикуваат граѓаните кои имаат информации за вакви ознаки или забележале желки со слични броеви во Преспа и околината да ги контактираат.