Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска во СВР Тетово одржа средба со раководството на полицијата, на која беа разгледани сите околности и преземените мерки по вчерашниот вооружен инцидент, во кој загина едно лице, а четворица беа повредени.
„Сакам граѓаните на Тетово и регионот да знаат дека полицијата е целосно мобилизирана и посветена. Се преземаат активности за да се гарантира и испорача безбедноста. Нема да дозволиме стравот и насилството на поединци да ја нарушат секојдневната сигурност и мирот во заедницата,“ изјави Јанев.
Тој порача дека сторителите и сите кои мислат дека со оружје можат да решаваат спорови ќе бидат пронајдени, изведени пред лицето на правдата и санкционирани. Според него, во функција се ставени сите потребни полициски служби за фаќање на сите инволвирани во инцидентот.
„Ги повикувам сите граѓани на Тетово и насекаде низ државата да соработуваат со полицијата, да пријавуваат информации и заедно да изградиме средина во која нема место за криминал и насилство. Само заедно можеме да се спротивставиме на поединците и групите кои не споделуваат исти вредности со нас чесните,“ истакна Јанев, додавајќи дека Македонија и граѓаните заслужуваат мир и спокој, а полицијата е тука да го обезбеди тоа.