Свет

Утре состанок Трамп-Путин во Алјаска

Утре состанок Трамп-Путин во Алјаска

Русија ќе се соочи со страшни последици ако не ја запре војната по утрешниот самит во Алјаска-се закани Трамп. По виртуелната средба со европските лидери и Зеленски, тој вети трилатерален состанок веднаш по самитот, ако разговорот со Путин биде продуктивен.

На средбата со Путин можат да се постигнат некои големи работи – тоа ќе биде многу важна средба која ги поставува темелите за втората. Доколку помине продуктивно, бидејќи ќе дознаам каде сме и што правиме, многу брзо, речиси веднаш ќе имаме втор состанок меѓу Путин и Зеленски, и мене доколку сакаат да бидам таму“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Германскиот канцелар Мерц кој го свика состанокот за европските и украинските лидери да бидат слушнати пред самитот, нагласи дека европските и украинските безбедносни интереси мора да се заштитат. Зеленски вели-Путин блефира, повика на поголем притисок врз него.

„Им кажав на претседателот на САД и на сите наши европски колеги: „Путин блефира“. Тој се обидува да изврши притисок врз сите фронтови во Украина пред состанокот во Алјаска и да ја прикаже Русија како способна да ја окупира цела Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Јасно ставивме до знаење дека Украина мора да биде на масата штом ќе се одржат последователни состаноци. Сакаме преговорите да продолжат по правилен редослед. На почетокот мора да има прекин на огнот“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.

Коалицијата на подготвените бара силни безбедносни гаранции за Киев. Најавија распоредување мировници по крајот на војната. Тие се против ограничувања за украинската армија и нејзината соработка со трети земји, нагласувајќи дека Русија нема право на вето за приклучувањето на Украина во ЕУ и НАТО.

„Мора да ја комбинираме активната дипломатија од една страна, со воена поддршка на Украина и притисок врз Русија. За да може сè да се обедини како и секогаш. Прво и очигледно, не може да има преговори за Украина без Украина, и заедно со тоа, меѓународните граници не можат и не смеат да се менуваат со сила“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

„Прашањата за окупираните територии ќе бидат клучни елементи на мировните преговори. Тие се неразделни од безбедносните гаранции што се даваат на остатокот од украинската територија и на Европа и не можат да се дискутираат без присуство на украинскиот претседател на масата“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Додека светските лидери се обидуваат да стават крај на војната во Украина, на фронтот борбите продолжуваат.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни