Македонија

„Луфтханза“ останува во Скопје и во зима – три лета неделно до Франкфурт

„Луфтханза“ останува во Скопје и во зима – три лета неделно до Франкфурт

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ќе продолжи да ја одржува линијата Франкфурт–Скопје и во зимската сезона, но со значително намален распоред, пренесува порталот „Екс ју авијација“.

Првично компанијата планираше целосна суспензија на летовите од 1 февруари до 28 март 2026 година. Сепак, по ревизија на плановите, одлучено е во овој период да се реализираат три неделни лета – секој понеделник, петок и недела, наместо досегашните десет. На линијата ќе сообраќа „Ербас А319“.

Според моменталниот распоред на „Луфтханза“, во ноември и декември ќе има по десет лета неделно, во јануари бројката ќе се намали на седум, а од февруари следува уште поредуцирана понуда.

„Луфтханза“ ја воспостави линијата со поддршка од државни субвенции во април 2023 година и од тогаш бележи раст на патничкиот сообраќај – од 73.456 патници во 2023 година на 105.653 во 2024 година.

Во меѓувреме, Министерството за транспорт најави пет нови линии од Скопје – со „Визер“ од ноември ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн, покрај веќе најавената кон Ларнака, Кипар.

Според официјалните податоци, во првата половина од годинава преку скопскиот и охридскиот аеродром поминале 1,5 милион патници, што е раст од 5, односно 11 проценти во однос на лани.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни