Македонија

Млади од 27 и 35 години осомничени за смртоносна тепачка пред казино во Кавадарци

Млади од 27 и 35 години осомничени за смртоносна тепачка пред казино во Кавадарци

Основното јавно обвинителство во Кавадарци отвори истрага против три лица за кои постои основано сомнение дека заеднички извршиле кривично дело „тешка телесна повреда со смртни последици“.

Според обвинителството, двајца 27-годишници и еден 35-годишен маж на 27 август околу пет часот наутро прво влегле во вербална расправија со оштетениот во казино во Кавадарци. Расправијата продолжила пред објектот, каде што осомничените физички го нападнале, удирајќи го со тупаници и клоци по целото тело и глава. Жртвата се обидела повторно да влезе во казиното, но изгубила свест. Заради тешките повреди, починала на местото.

Јавниот обвинител најави дека во текот на постапката ќе се обезбедат докази и ќе се врши психијатриско вештачење на тројцата осомничени. Доколку се утврди дека имале намера да го лишат од живот оштетениот, можно е делото да биде преквалификувано во убиство.

Со оглед на опасноста од бегство, како и нивното однесување веднаш по настанот – бидејќи наместо да се пријават во полиција се оддалечиле и заедно заминале во стан на еден од нив – обвинителството поднесе предлог за определување притвор.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни