Македонија

Келнери, готвачи и продавачи ни за лек во Македонија

Келнери, готвачи и продавачи ни за лек во Македонија

Во второто тримесечје од 2025 година, најголем недостиг од работна сила во Македонија е забележан во услужните дејности, продажбата и угостителството, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Вкупната стапка на слободни работни места за овој период изнесува 2.08%.

Според официјалните податоци, најголем број на непополнети работни места, дури 2.008, имало во групата занимања „Работници во услужни дејности и продажба“, што ги прави келнерите, готвачите, шанкерите, продавачите и сличните професии најбарани на пазарот на трудот.

Анализата по сектори покажува дека убедливо највисока стапка на слободни работни места има секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (туризам и угостителство), каде стапката достигнала 3.77%. Ова укажува на значителен недостиг на кадар во хотелите, рестораните и другите угостителски објекти во периодот април-јуни.

Спротивно на тоа, најстабилна е состојбата во секторот Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување, каде стапката е најниска и изнесува само 0.36%.

Гледано по региони, Југоисточниот Регион се издвојува со највисока стапка на слободни работни места од 2.54%, што значи дека таму побарувачката за работници била најизразена во споредба со остатокот од државата.

Интересен е и податокот за големината на компаниите, кој покажува дека малите и средни претпријатија имале најголема мака да најдат работници. Деловните субјекти со број на вработени од 10 до 49 лица имаат највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 2.69%.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни