Македонија

Ревизија открива како ЕСМ трупа загуби: Државата ја терала компанијата да продава струја речиси двојно поевтино отколку што ја произведува

Ревизија открива како ЕСМ трупа загуби: Државата ја терала компанијата да продава струја речиси двојно поевтино отколку што ја произведува

Државната компанија АД ЕСМ систематски работела со огромна загуба бидејќи била принудена да ја продава произведената електрична енергија на универзалниот снабдувач по цени кои се далеку пониски од производствените, утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот последен извештај за енергетската транзиција.

Според ревизорите, оваа одлука, иако донесена за да ги заштити граѓаните од ценовни шокови, го доведува во прашање опстанокот на компанијата и нејзината способност да ги спроведе клучните инвестиции во зелената транзиција.

Најдраматични се податоците за 2024 година, кога производствената цена на струјата на АД ЕСМ изнесувала

113 евра по мегават-час, додека компанијата била принудена да ја продава за само 59 евра. Оваа пракса не е исклучок, туку тренд кој се провлекува со години:

  • Во 2023 година, производната цена била 91 евро, а продажната 55 евра по мегават-час.
  • Во 2022 година, производната цена била 70 евра, а продажната 54 евра по мегават-час.

Ревизорите недвосмислено заклучуваат дека работењето во вакви услови го загрозува континуитетот на работењето на акционерското друштво и ефикасното спроведување на јавните инвестиции во енергетиката.

Како директна последица на овие загуби, државата морала да го поддржува АД ЕСМ директно од Буџетот, а компанијата во 2023 година била принудена да се задолжи кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со заем од

100 милиони евра само за да ја одржи ликвидноста.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни