За Наша Македонија ќе настапи самостојно со свои советнички листи во над 50 општини, но ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори. Како први кандидати за градоначалници од редовите на ЗНАМ се потврдени лидерот на партијата и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, и Мирослав Лабудовиќ за Општина Центар.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти портпаролот на Движењето, Никола Мемов, по седниците на Извршниот и Централниот одбор на партијата.
„Централниот одбор ја усвои одлуката за взаемна соработка и поддршка со ВМРО-ДПМНЕ во делот на кандидатите за градоначалници. Оваа одлука значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ и во тие општини нема да имаат свој кандидат, а од друга страна, Движењето ЗНАМ ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во сите општини, вклучувајќи го и Градот Скопје, каде што ЗНАМ нема да има свој кандидат“, појасни Мемов.
Партијата едногласно ги утврди првите двајца кандидати за градоначалници:
- За Општина Куманово: Максим Димитриевски, актуелен градоначалник и претседател на Движењето ЗНАМ.
- За Општина Центар: Мирослав Лабудовиќ, претседател на Градската организација на ЗНАМ и актуелен заменик-министер за енергетика.
На новинарско прашање зошто ЗНАМ излегува со само двајца кандидати засега, Мемов одговори дека партијата пристапува „многу релаксирано“ и не сака да кандидира градоначалници по секоја цена.
„Засега утврдивме кандидати за градоначалници во најголемата општина во Македонија, тоа е Куманово, и во најзначајната општина во Скопје, тоа е Центар. Процесот на аналитика и проверка за други општини сè уште е отворен и не ја исклучуваме можноста ЗНАМ да има кандидати за градоначалници и во други општини“, додаде тој, нагласувајќи дека фокусот е ставен на сериозни кандидатски листи за советите во над 50 општини.
Мемов порача дека преку своите претставници во локалната самоуправа, ЗНАМ ќе покаже како вистински се управува со општините – чесно, одговорно и со визија.