Најмалку пет до десет лица, меѓу кои пожарникари и цивили, се повредени во големиот пожар што од вчеравечер сè уште беснее во фабриката „Макпрогрес“ во Виница. Повредените, кои се од Виница, Кочани и Струмица, се пренесуваат во болницата во Кочани, каде што се врши првична тријажа и им се укажува лекарска помош.
Во текот на ноќта, додека траела битката со огнената стихија, се одвивала вистинска драма во која за влакно е избегната трагедија. Според најновите информации, заштитниот шлем му го спасил животот на еден од пожарникарите откако врз него паднала голема количина врела материја, најверојатно стопен шеќерен сируп („шербет“) од погоните.
Овој инцидент ги потврдува синоќешните извештаи за опасните услови со кои се соочуваат пожарникарите, кои беа заглавени во стопен шеќер додека се обидуваа да го локализираат огнот.
Пожарот во погоните на „Винчини“ сè уште е активен, а екипите на терен и утринава продолжуваат со надчовечки напори за негово целосно гаснење.