Премиерот Христијан Мицкоски денеска го коментираше проблемот со ЈП „Дрисла“, од каде веќе неколку дена се шири густ чад, предизвикувајќи високо ниво на загаденост во Скопје.
Тој изјави дека Владата и надлежните институции преземаат мерки за решавање на ситуацијата, а од денеска во депонијата ќе интервенира и полицијата.
„Како Влада и институции ги преземаме сите потребни мерки. За дивата депонија Вардариште веќе има приведени лица, кои ја користеле илегалната депонија за производство на метали и нивна понатамошна нелегална продажба. Таму е ангажирано приватно обезбедување, обезбедена е градежна механизација и ситуацијата е под контрола. Останува Дрисла“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека, иако Дрисла беше санирана вчера, пожарот повторно се активирал пред крајот на ноќта. „Денеска таму ќе интервенира МВР, а ние сме во контакт со Дирекцијата за заштита и спасување. Очекувам проблемот да биде решен. Сочувствувам со граѓаните кои го чувствуваат чадот, но е чудно како вакви настани се случуваат во јавни претпријатија каде има свои кадри од одредени политички партии. Ќе ги истражиме причините и ќе обезбедиме докази, а сите виновници ќе одговараат пред правдата“, додаде Мицкоски.