Денеска премиерот Христијан Мицкоски повика на законски измени со кои подметнувањето пожари ќе се третира како тероризам.
„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се донесат итни измени во законите, со кои подметнување пожар ќе се квалификува како дело на тероризам, а одлагање на смет на несоодветни места ќе се казнува со затворска казна поголема од пет години“, изјави Мицкоски при посета на Општина Јегуновце.
Тој истакна дека Министерството за животна средина веќе испратило допис до сите општини да преземат мерки за расчистување на дивите депонии и правилно одлагање на отпадот.
„Ги повикувам несовесните граѓани кои формираат диви депонии да престанат, бидејќи сите кои ќе бидат фатени ќе бидат најстрого казнети“, додаде Мицкоски.
Премиерот нагласи дека се идентификувани околу дваесетина лица за кои постојат основани сомневања дека стојат зад пожарите и дека постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните во предизборниот период.