Шест месеци по трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Општина Кочани потсети дека болката на семејствата и тагата на граѓаните сè уште не стивнуваат.
Во соопштението се истакнува дека прекинатата младост, изгубените животи и одземените ближни создаваат уште поголема огорченост од системот кој, како што се наведува, со години дозволува корупцијата и криминалот да бидат посилни од законот и институциите.
„Оваа трагедија е резултат на нефункционалност, неказнивост и небрежност. Граѓаните имаат право на безбедност, на одговорни институции и на еднаквост пред законот,“ стои во објавата.
Од Општината нагласуваат дека постои историска шанса состојбите да се сменат и да се придонесе за побезбедно и поправедно општество.
„Должни сме да градиме држава во која владеењето на правото е реалност, а не празна фраза. Тоа е најмалку што им го должиме на жртвите и на идните генерации,“ порачаа од Општина Кочани, додавајќи: „Нека почиваат во мир нашите незаборавни.“