Во пресрет на локалните избори, Државната изборна комисија (ДИК) склучи договор со телекомуникацискиот оператор А1 Македонија за закуп на мрежна опрема и услуги, клучни за мрежно поврзување со општинските изборни комисии (ОИК) за време на изборниот процес. Вкупната вредност на договорот изнесува
1.800.000 денари без ДДВ (околу 30.000 евра) , сума која е ослободена од данок согласно Изборниот законик.
Договорот, потпишан на 10 септември од претседателот на ДИК, Борис Кондарко, и овластеното лице на А1, Стевчо Ристески, предвидува А1 да обезбеди неколку клучни услуги за непречено одвивање на изборите:
- 81 податочно поврзување со минимален капацитет од 1Mbps, со кое ќе се поврзат сите општински изборни комисии и комисијата на Град Скопје со седиштето на ДИК.
- Три интернет линии за седиштето на ДИК, од кои една е со висок капацитет од 200/200 Mbps, осум статички IP адреси и можност за зголемување на брзината до 1Gbps на денот на изборите.
- Активна DDoS заштита, базирана на хардверско решение, за заштита на веб и ДНС серверите на ДИК од хакерски напади во клучниот период околу двата изборни круга.
- 400 СИМ-картички за мобилен пренос на податоци преку засебна приватна и заштитена мрежа (APN), со вклучен сообраќај од најмалку 1 GB по картичка.
Според договорот, А1 е должен да ја испорача услугата во рок од 7 дена од добиен налог од ДИК. Времетраењето на договорот е шест месеци или до исполнување на вредноста.