Македонија

НОВ ЗАКОН ЗА ИНДУСТРИСКО ЗАГАДУВАЊЕ: „Загадувачот плаќа“ станува правило, казни за компаниите до 140.000 евра, но и за градоначалниците

НОВ ЗАКОН ЗА ИНДУСТРИСКО ЗАГАДУВАЊЕ: „Загадувачот плаќа“ станува правило, казни за компаниите до 140.000 евра, но и за градоначалниците

Собранието донесе нов, клучен Закон за контрола на индустриски емисии, со кој се воведуваат строги европски стандарди за фабриките-загадувачи и се предвидуваат ригорозни казни не само за компаниите, туку и за неодговорните службеници и градоначалници. Законот, кој беше усвоен на 12 септември, е еден од најважните чекори во усогласувањето на македонското законодавство со Директивата на ЕУ за индустриски емисии.

„Загадувачот плаќа“ и обврска за чистење по затворање на фабрика

Една од главните новини е што законот експлицитно го воведува начелото „загадувачот плаќа“, со кое секој што ќе предизвика загадување ќе биде должен да ги сноси трошоците за санација и да плати правичен надомест за направената штета врз животната средина.

Клучно, законот воведува и обврска за операторите, по конечното престанување со работа, да преземат мерки за да го вратат земјиштето на кое работеле во задоволителна состојба и да го спречат секој ризик од идно загадување. Дополнително, компаниите кои работат со опасни материи ќе мора да изработат „Основен извештај“ за моменталната состојба на почвата и подземните води пред да добијат дозвола, со што ќе се знае почетната точка пред да почнат со работа.

Ригорозни казни за загадувачите, но и за функционерите

Законот предвидува три категории на прекршоци со високи глоби за компаниите, кои се скалести во зависност од нивната големина. За најтешките прекршоци, како што е испуштање емисии над дозволените граници, казните за големите компании се движат

од 126.000 до 140.000 евра. Предвидена е и можност за изрекување на привремена забрана за работа до две години за повторени прекршоци.

Како новина, законот предвидува и прекршочни санкции за службени лица. За градоначалник кој нема навремено да ги преземе потребните мерки за спроведување на законот, предвидена е глоба од

150 евра. Казни се предвидени и за службени лица во министерствата кои нема да ги почитуваат роковите.

Одложена примена

Иако законот влегува во сила осум дена по објавувањето во „Службен весник“, неговата примена ќе започне дури по две години од денот на влегувањето во сила. Овој период е предвиден за институциите и компаниите да се прилагодат на новите, построги правила за заштита на животната средина.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни