На едно домаќинство во Северна Македонија во кое живеат лица со попреченост, му се потребни меѓу 100.000 и 110.000 денари месечно за да ги покрие основните животни потреби, што е за 1,6 пати повеќе од стандардната синдикална кошничка.
Ова го покажува првиот извештај од ваков вид, „Минимална кошничка за живот за заедницата на лица со попреченост“ , објавен денеска од Коалицијата МЕНУВАМЕ. Анализата открива огромен „економски јаз“ со кој се соочуваат овие семејства, а кој останува невидлив во официјалните пресметки.
Јаз меѓу потребите и реалноста
Проценетата кошничка од над 100.000 денари е драстично повисока од реалните примања во државата. Таа е:
- 2,3 пати повисока од просечната нето плата (која во февруари 2025 изнесувала 43.053 денари).
- Над 4 пати повисока од минималната плата (24.379 денари).
Од Коалицијата посочуваат дека официјалната „минимална кошничка за живот“ , која Сојузот на синдикати (ССМ) ја пресмета на 65.544 денари за октомври 2025 година , не успева да ги долови вистинските потреби на семејствата со попреченост.
„Рампа за инвалидски колички, специјализирана исхрана, неделна терапевтска сесија, такси до пристапна клиника – ова не се луксузи, туку спасувачки средства“, се наведува во извештајот. Токму овие „скриени трошоци“ се неопходни за достоинствен живот, а ги туркаат веќе ранливите домаќинства кон маргините на сиромаштијата.
Како е пресметана кошничката?
За да дојде до оваа бројка, извештајот користи модел на урбано домаќинство од 5 члена. Покрај основните трошоци за живот (храна, кирија, режиски трошоци), кои се повисоки за поголемо семејство во град (околу 85.000 – 90.000 денари), анализата додава и „доплата“ за специфичните потреби поврзани со попреченоста.
Оваа доплата се проценува на околу 21.000 до 23.000 денари месечно и ги вклучува следните проценети трошоци:
- Медицински/терапевтски/помошни помагала: 7.000 денари
- Транспорт/адаптиран транспорт: 5.000 денари
- Лице за нега/помошник (скратено работно време): 8.000 денари
- Дополнителни комунални услуги/исхрана: 3.000 денари
Повик за правда и итна акција
„Препознавањето на овие нееднаквости не е само прашање на економија; тоа е прашање на правда“, порачуваат од МЕНУВАМЕ. Тие нагласуваат дека кога трошоците за учество во општеството стануваат недостапни, „еднаквоста останува празно ветување“.
Извештајот, кој е прв од ваков вид во земјата и е изработен на македонски и англиски јазик , претставува повик за итна акција од креаторите на политиките.
Главните препораки вклучуваат развој на официјална „прилагодена минимална кошничка“ , како и воведување мерки како дополнителен надоместок за попреченост, субвенции за адаптирано домување и поддршка за старателите. Документот ќе биде доставен до сите домашни институции, дипломатските претставништва и Делегацијата на Европската Унија.