Македонија

„Осум месеци поминаа, а ние се чувствуваме изманипулирани – стравуваме дека трагедијата ќе заврши како Ласкарци, модуларната болница“, вели татко на жртва од Пулс

„Осум месеци поминаа, а ние се чувствуваме изманипулирани – стравуваме дека трагедијата ќе заврши како Ласкарци, модуларната болница“, вели татко на жртва од Пулс

Во судницата во Идризово, додека започнува првото рочиште за трагедијата во „Пулс“, родителите на загинатите деца јавно ја изразија својата длабока недоверба и разочараност од институциите, предупредувајќи дека не сакаат нивниот случај да стане уште една неказнета трагедија во земјата.

Еден од родителите, Томчо Стојанов, видливо вознемирен, ја пренесе колективната болка и страв на семејствата:

„Осум месеци поминаа, а ние не знаеме од која основа и од која појдовна точка институциите ги градат нивните математики и калкулации. Се чувствуваме изманипулирани, стравуваме дека нашата ситуација ќе испадне како Ласкарци, како автобуската несреќа во Бугарија, како модуларната болница. Сите тие останаа без вистинска правда.“

Тој потсети дека имале неколку средби со премиерот и министерот за внатрешни работи, на кои им било ветено дека случајот „Пулс“ ќе биде третирани како врв на институционалните пропусти – и дека мора да се направи „рез“ со неказнивоста.

„Ни беше кажано дека ова е крајниот пример за тоа што може да се случи кога системот ќе потфрли. И дека ако не се расчисти ова – нема смисла да постоиме како држава“, вели Томчо Стојанов.

Но, според него, времето што минало само ја засилило нивната загриженост.

„Гледаме како времето минува, а нè туркаат во заборав. Како да треба само да си ги гледаме гробовите и да молчиме, за да не ја замараме јавноста. Се чувствуваме изморени, исцрпени и омаловажени.“, вели тој.

Тој додава дека уште на првиот ден од процесот увиделе дека пред нив стои тежок и долг пат:

„Уште во првите часови гледаме познати адвокати од македонската јавност – сега одбраната на обвинетите. Гледаме разработени шеми и калкулации, начини на кои сакаат нас, оштетените, да нè уништат до последен атом“, вели Томчо Стојанов.

Стојанов порача дека трагедијата во „Пулс“ е „еден од најважните испити за државата“ и дека нема да дозволат судскиот процес да потоне во одложувања и заборав, како многу случаи пред него.

4NEWS.mk останува во судницата и ја следи постапката во живо.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни