Македонија

ЗА ВАС Е УБИЕЦ, ЗА МЕНЕ ОБИЧЕН ЧОВЕК“: Одбраната на Деко тврди дека обвинението е „шутро“ – вината ја префрли на музичката група

ЗА ВАС Е УБИЕЦ, ЗА МЕНЕ ОБИЧЕН ЧОВЕК“: Одбраната на Деко тврди дека обвинението е „шутро“ – вината ја префрли на музичката група
ФОТО: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

„Тешка ми е задачата да го бранам човекот кој за сите вас е убиец, а за мене е еден обичен човек. Дејан е човек, а не монструм.“

Со овие зборови Ивана Коцевска, бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, го започна својот воводен говор, обидувајќи се да ја смени перцепцијата за сопственикот на „Пулс“. Таа директно ја префрли топката за одговорноста на друго место, посочувајќи ја музичката група како фактор за немарноста која довела до трагедијата.

Според одбраната, Јованов е жртва на системската дисфункционалност. „Се случи Кочани и ни ја тресна од глава дисфункционалноста на целиот систем. Нему му падна одговорноста, а не сме свесни уште колку локали во моментов функционираат вака“, истакна Коцевска.

Адвокатката остро го нападна Обвинителството, нарекувајќи го обвинителниот акт „шутро обвинение“ кое се базира на претпоставени тези, а не на докази.

„Сите го слушнавме поетичниот говор на обвинителството, чија цел беше да допре до засегнатите, но тој не даде никаква насока за издржаност. И најголемиот суд во светот не може да најде причинско-последничка врска за да го поврзе Дејан со последицата од 16-ти март“, рече Коцевска.

Таа најави дека ќе го оспори вештачењето, тврдејќи дека е изработено од лица кои не се во официјалниот регистар на вештаци и додаде дека одбраната е дискриминирана од самиот почеток поради политички притисоци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни