„Емоциите се моќни, но тие не се доказ. Оваа постапка не смее да биде колективен гнев.“
Со овие зборови, бранителот на поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, се обиде да ја започне одбраната, но беше прекинат од бурните реакции на родителите во судницата.
На самиот почеток на говорот, кога адвокатот ја нагласи тезата за „правда“, родителите дофрлија: „Каква правда? Само за нашите деца нема правда!“
На крајот на говорот, кога адвокатот го пофали Папазов за неговиот морал (учествувал во спасување и поднел оставка), следеше најциничната реакција: „Да му се извиниме ние!“, дофрлија родителите, на што судијката мораше да интервенира со строго предупредување.
Адвокатот Мите Левков тврди дека Папазов е „колатерална штета“, избран за виновник само затоа што бил на функција во моментот на трагедијата.
„Пропустите се системски и во нив учествувале повеќе одговорни лица во повеќе години. Се суди на целиот систем, но законот бара индивидуална кривична одговорност,“ рече Левков.
Тој ја оспори логиката на Обвинението, тврдејќи дека не може да се докаже оти Папазов знаел и намерно не постапил. „Градоначалникот не поседува знаење ниту може да утврди состојба во клубот… Ако се следи логиката на Обвинението, тогаш сите кои живеат во Македонија се виновни, бидејќи сите сме систем,“ заврши тој.
Одбраната го истакна фактот дека Папазов учествувал во спасувањето на лица таа ноќ, а веднаш потоа поднел оставка. „Тоа не е признавање вина, тоа е политичка и морална одговорност,“ рече адвокатот, инсистирајќи дека нема причинско-последична врска меѓу неговото нефункционирање и самиот пожар.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ЉУПЧО ПАПАЗОВ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Љупчо Папазов (49) се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Обвинението го опфаќа неговиот мандат од ноември 2021 година до трагедијата, иако тој на функција беше најкратко од тројцата обвинети градоначалници.
- Непостапување: Како градоначалник, не презел дејствија за санкционирање и затворање на „Пулс“ иако знаел дека објектот е опасен и работи спротивно на Деталниот урбанистички план (ДУП).
- Пропуст за заштита: Не наредил инспекција за да се утврди дали се спроведуваат основните заштитни мерки против пожар.
- Финансиска корист: Дозволил Општината да собира приходи од „Пулс“ и покрај нелегалната пренамена и недостатокот на безбедносни услови.