Македонија

Македонија обединета во болката: Виница, Тетово и Куманово со порака – Кочани, не сте сами!

Македонија обединета во болката: Виница, Тетово и Куманово со порака – Кочани, не сте сами!
ФОТО: Ј.Пауноски / 4NEWS.mk

Една година по најголемата трагедија во поновата македонска историја, ехото на тагата од Кочани се прошири низ целата држава. Од истокот до западот, граѓаните на достоинствен начин оддадоа почит на 63-цата млади кои ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“, покажувајќи дека споменот за нив е сенароден долг.

Виница: Ѕвездено небо за Ана и Моника

Општина Виница синоќа организираше емотивен комеморативен настан во чест на сите настрадани, со посебен пиетет кон своите сограѓанки Ана и Моника. Салата беше исполнета со силни пораки за заедништво и незаборав.

Ученички од СОУ „Ванчо Прке“ преку потресен рецитал ја пренесоа болката на една цела генерација, додека музичкиот настап на Лазар Велков дополнително го засили емотивниот набој. На самиот крај, присутните создадоа симболично „ѕвездено небо“ со светилките од своите телефони – чин со кој порачаа дека светлината на овие млади животи никогаш нема да згасне.

Тетово: 63 бели балони летнаа кон небото

На градскиот плоштад во Тетово, волонтерите од Црвениот крст преку програмата „Промоција на хумани вредности“ (ПХВ) испратија порака на солидарност. Со тивко собирање и единство, младите тетовчани пуштија 63 бели балони кон небото.

„Се собравме за нив, за сеќавање и за нас како заедница. Сакаме да им порачаме на сите во Кочани: Никогаш да не се заборави, нека почиваат во мир“, порачаа младите тетовчани.

Куманово: „Срце за 63 светлини“ за уметникот Филип и сите настрадани

Вечерва, со почеток во 20 часот, Куманово ќе се поклони пред жртвите преку достоинствениот помен „Срце за 63 светлини“. Градскиот плоштад ќе биде место на поддршка за семејствата, со посебен акцент на прерано згаснатиот живот на кумановецот Филип Стевановски.

Филип, кој беше директор на Центарот за култура во Штип и истакнат џез-музичар, композитор и професор, остави неизбришлива трага во македонската култура. Кумановци, со поддршка на Општината и Фондацијата за култура и спорт, ќе создадат свое ѕвездено небо за него и за останатите 62 ангели.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни