Свет

Цените на гасот и нафтата „летаат“ по нападите на Блискиот Исток

Цените на гасот и нафтата „летаат“ по нападите на Блискиот Исток

Цените на нафтата и гасот нагло се вивнаа по серијата драматични напади врз клучната енергетска инфраструктура на Блискиот Исток, што предизвика вистински потрес на светските берзи и голема загриженост кај инвеститорите.

Пазарите во Велика Британија и Европа забележаа вртоглави скокови на цената на гасот, која на моменти се зголемуваше за четвртина од својата вредност, додека суровата нафта Брент достигна високи нивоа кои не се видени подолго време. Главна причина за ваквиот хаос е оштетувањето на стратешките објекти во Иран и Катар, вклучувајќи ги и некои од најголемите гасни полиња во светот кои се клучни за глобалното снабдување.

Ситуацијата дополнително се усложнува со најавите дека овие витални објекти би можеле да останат надвор од функција со месеци, што директно влијае врз енергетската стабилност на глобално ниво.

Додека воените тензии растат и се разменуваат остри закани за нови одмазднички удари врз економската инфраструктура, финансиските индекси во Јапонија, Лондон и САД бележат значителни падови. Иако стручњаците посочуваат дека цените се уште се под екстремните врвови од минатото, тие предупредуваат дека пазарот веќе почнува да калкулира со долготрајни прекини. Неизвесноста околу тоа кога Катар и Иран ќе можат повторно да го воспостават нормалното производство создава нервоза која се чувствува низ целиот свет, оставајќи ја економијата во исчекување на следниот потег на завојуваните страни.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни