Македонија

Сељами: Пропусти во институциите го загрозуваат справувањето со фемицид и заштитата на граѓаните

Сељами: Пропусти во институциите го загрозуваат справувањето со фемицид и заштитата на граѓаните

Народниот правобранител Фатон Сељами денеска предупреди на сериозни пропусти во институционалната реакција во случаи на фемицид, нагласувајќи потреба од координирано справување со семејства со ризично однесување и механизми за рана заштита на жртвите, дури и кога не поднесуваат формална пријава.

Во извештајот за човекови права за 2025 година, доставен до Собранието, Сељами посочува дека заштитата на жртвите е најслабата алка во справувањето со семејното насилство, а конкретен случај покажува дека Центарот за социјална работа и полицијата постапувале ненавремено.

Во 2025 година Народниот правобранител постапувал по 2.921 претставка, најмногу за правосудство, потрошувачки права, работни односи и детски права.

Во делот на животната средина, бројот на претставки значително се зголемил поради загадениот воздух, пожари на депонии и управување со отпадот, при што само две депонии имаат интегрирани еколошки дозволи, а за опасен и инертен отпад нема издадени дозволи.

Сељами истакна и проблеми со пристапноста на избирачките места за лицата со попреченост, како и бирократски пропусти во социјалната заштита, каде граѓаните често трпат ненавремени решенија.

Иако извештајот забележува напредок во образованието за штитениците од воспитно-поправните домови и во законот за вработување на лица од аутистичен спектар, целосен застој е констатиран во работата на управните судови, извршителите и казнено-поправните установи, каде условите за престој се деградирачки и нехумани.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни