Македонија

ММФ предупредува: Растот на цените на енергенсите може да доведе до нов бран инфлација и да го забави економскиот раст во земјава

ММФ предупредува: Растот на цените на енергенсите може да доведе до нов бран инфлација и да го забави економскиот раст во земјава

Зголемените геополитички тензии на Блискиот Исток повторно ја ставаат економијата на Македонија под притисок, предупредуваат од Меѓународниот монетарен фонд во најновата завршна изјава по редовните консултации со земјава. Според нивните оценки, растот на цените на енергенсите може да доведе до нов бран инфлација и да го забави економскиот раст во наредниот период.

Фондот проценува дека македонската економија во 2026 година ќе забележи раст од околу 3,1 процент, но истовремено се очекува инфлацијата да достигне приближно 4,5 проценти, главно поради поскапувањето на нафтата и другите енергенси на светските пазари.

Како одговор на овие притисоци, властите веќе воведоа привремени мерки, меѓу кои намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, како и користење на резерви на тешко гориво за намалување на трошоците за производство на електрична енергија. Сепак, од Фондот предупредуваат дека овие мерки треба да бидат временски ограничени и внимателно насочени.

Дополнително, се очекува зголемениот увоз на енергија да го прошири дефицитот на тековната сметка на околу 5 проценти од БДП во 2026 година, пред тој постепено да се намали со стабилизирањето на глобалните пазари.

Од ММФ посочуваат дека ризиците за економијата остануваат високи. Продолжувањето на конфликтите на Блискиот Исток, високите цени на енергенсите, но и можниот пад на економската активност во Европската Унија, би можеле дополнително да го забават растот и да ја зголемат инфлацијата на подолг рок.

Како дополнителни ризици се наведуваат и евентуалните непланирани зголемувања на платите и пензиите, како и можните пречекорувања на трошоците кај големите инфраструктурни проекти.

Мисијата на Фондот ја поздравува намерата на властите фискалниот дефицит во 2026 година да се намали на 3,5 проценти од БДП, но предупредува дека без конкретни реформи во даночната политика и подобра наплата на приходите, дефицитот би можел да достигне и 4,2 проценти.

Како клучни приоритети се наведуваат подобра контрола на јавните трошоци, особено во делот на платите и пензиите, како и намалување на даночното затајување. Воедно, се препорачува постепено укинување на намалениот ДДВ за горивата, додека поддршката за најранливите категории граѓани треба да се обезбедува преку таргетирани социјални програми.

Во извештајот се нагласува и потребата од поголема фискална транспарентност, особено во делот на јавните инвестиции и субвенциите во енергетскиот сектор, како и реформи за поефикасно управување со јавните претпријатија.

И покрај предизвиците, ММФ оценува дека банкарскиот систем во земјата останува стабилен, со солидна капитализација и ликвидност, но предупредува на зголемениот раст на кредитирањето во секторот недвижности, што бара внимателно следење.

Во однос на долгорочниот развој, Фондот истакнува дека структурните реформи – особено во владеењето на правото, пазарот на труд и енергетиката – се клучни за зголемување на продуктивноста и подобрување на деловната клима во земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни