Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, во гостувањето на 4ТВ направи пресек на досегашниот мандат на првата жена претседател на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Иако со лична почит кон нејзината професорска кариера, Јакимовски смета дека нејзините претседателски перформанси се под очекуваното ниво.
Јакимовски повлече паралела со сите претходни шефови на државата, нагласувајќи дека Македонија е навикната на поинаков профил на лидери на чело на „Вила Водно“.
„Ја познавам госпоѓата Сиљановска и имам исклучителна почит кон неа. Таа е солиден професор и беше солиден пратеник, но сметам дека не се снајде најдобро на функцијата претседател. На Македонија ѝ треба посилна, помаркантна фигура за претседател на државата“, истакна Јакимовски.
Во својата анализа, тој ги спомена сите поранешни претседатели, заклучувајќи дека Сиљановска-Давкова засега не успева да го достигне нивниот државнички формат.
Јакимовски ги посочи Киро Глигоров и Борис Трајковски како примери за „маркантни фигури“ кои оставиле силен печат.
„Имам почит кон Црвенковски, па дури мислам дека и Пендаровски, Иванов и сите останати претходници, во споредба со Сиљановска, манифестираа подобри перформанси. Засега, она што таа го покажува е под нивото на сите поранешни претседатели на Македонија.“, вели тој.
Според Јакимовски, тежината на функцијата бара лидер кој ќе биде силен коректив и авторитет, а не само административен извршител или теоретичар. Неговата оцена е дека првите години од мандатот на Сиљановска-Давкова поминале без суштинско наметнување на нејзината фигура како обединувачки или одлучувачки фактор во државната политика.
„Едноставно, компарирајќи ја со било кој од претходните, перформансите се послаби“, заклучи Јакимовски во емисијата „Ноќно студио“.