Македонија

Јакимовски со жалење за зградата на општината: Знам дека нема да ја довршат, уште се користи мебел од 94-та!

Јакимовски со жалење за зградата на општината: Знам дека нема да ја довршат, уште се користи мебел од 94-та!

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, го изрази своето разочарување од застојот на клучните инфраструктурни проекти во општината, со посебен акцент на новата општинска зграда која сè уште не е ставена во функција.

Јакимовски откри дека неговиот најголем приоритет пред заминувањето од функцијата бил токму финализирањето на новиот општински дом, предвидувајќи дека секој застој ќе значи долгогодишно тапкање во место.

„Најголема желба ми беше да ја довршам општинската зграда. Знаев дека ако не ја затворам таа приказна додека сум таму, таа ќе остане така со години. За жал, токму тоа се случи – зградата до денес не е довршена“, истакна Јакимовски.

Тој детализираше дека планот не бил само изградба, туку комплетно уредување кое би им служело на граѓаните во следните четири децении. За таа намена, тврди Јакимовски, веќе биле планирани и средства во буџетот.

„Имав издвоено 100.000 евра за 2025 година за набавка на нов мебел. Сакав да го средам внатрешниот ентериер, партерното уредување и изолацијата на гаражите. Тоа што ќе го направевме тогаш, граѓаните ќе го користеа во наредните 30 до 40 години.“

Јакимовски повлече фрапантна паралела со моменталните услови во кои работи администрацијата. „Дали знаете дека во одредени канцеларии во општината сè уште има мебел купен во 1993 и 1994 година? Тоа се повеќе од 30 години стара опрема.“

Според поранешниот градоначалник, недовршувањето на овој објект е директна штета за ефикасноста на општинските услуги. Тој смета дека соодветен работен простор е неопходен за Карпош да функционира како модерна и современа општина.

„Сакав да оставам објект со кој сите ќе се гордееме, но за жал, политиката и негрижата го сопреа процесот токму на финишот“, заклучи Јакимовски во разговор за „4ТВ“.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни