Македонија

Спасовски алармира за безбедноста кај Сиљановска: Испраќаме лоша порака до НАТО!

Спасовски алармира за безбедноста кај Сиљановска: Испраќаме лоша порака до НАТО!

Најновиот скандал со наводното истекување на информации од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова отвора сериозни прашања за безбедносниот кредибилитет на државата пред меѓународните партнери. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го истакна пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Тој потенцираше дека Кабинетот на претседателот е институција од највисок безбедносен ранг, особено поради членството на Македонија во НАТО Алијансата, каде што циркулираат исклучително сензитивни податоци кои по никоја цена не смеат да допрат до јавноста или до странски разузнавачки служби.

Потсетувајќи на инцидент од минатото со преведувач во мандатот на Стево Пендаровски, Спасовски посочи дека македонските институции имаат професионален капацитет да се справат со ваквите предизвици, но го отвори прашањето дали државата во моментов ја водат вистинските луѓе.

„Прашањето е дали вистинските луѓе се на вистинските места и дали се цени професионалноста во однос на заштитата на уставниот поредок. Граѓаните знаат дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ управува со државата, имаме сериозни проблеми од овој аспект“, рече Спасовски, правејќи паралела со масовното нелегално прислушување до 2016 година во времето на владеењето на Никола Груевски.

Според него, доколку денес јавно се дебатира дали претседателот на државата е безбеден и дали му протекуваат информации од кабинетот, пораката што се испраќа до јавноста и стратешките партнери е катастрофална.

Спасовски појасни дека токму големата афера со прислушувањето била основата за темелните реформи со кои се формираше Оперативно-техничката агенција (ОТА), со цел целосно да се елиминира можноста за партиски пазарење со безбедносниот систем.

  • Како беше претходно: МВР ги поседуваше медијациските уреди, имаше директен пристап до сите телеком-оператори и телефоните се прислушуваа за потребите на политичките елити, а не за безбедноста на државата.
  • Како е сега: ОТА функционира како неутрален мост помеѓу операторите и органите за спроведување на законот (МВР, Царина, Финансиска полиција и АНБ).

„Системот не дека не може да биде злоупотребен, но шансите сега се многу помали бидејќи ОТА гарантира дека никој нема директен пристап до телеком-операторите“, објасни екс-министерот.

Поранешниот прв човек на полицијата изрази загриженост и за неодамнешните изјави на актуелниот министер за внатрешни работи, кој спомена дека министерството поседува или планира да користи специјални уреди за директен пристап до телефоните на граѓаните, под изговор за превенција од криминал.

„Не знам дали е тоа несреќно дадена изјава или навистина нешто се подготвува. Но, законот е многу јасен: какви било технички уреди за следење на комуникациите надвор од ОТА може да ги поседува единствено Јавното обвинителство, и тоа исклучиво со наредба на надлежен судија. Сè друго е надвор од законските рамки“, заклучи Спасовски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни