Истражните центри во рамките на јавните обвинителства се единствените места каде што законски може да се врши анализа на прибрани материјали од телефонски апарати и електронски уреди, а МВР во својот мандат немаше, ниту користеше дополнителни апарати за следење на комуникациите. Ова го децидно го истакна поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во продолжението на гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Спасовски јасно ги демантираше наводите за наводно постоење на специјални уреди во министерството, предупредувајќи дека секоја импровизација надвор од законот ја загрозува приватноста и ги урива судските процеси.
Поранешниот министер појасни дека процедурата за екстракција на податоци од дигитални уреди е строго регулирана и секогаш мора да биде покриена со легална документација.
„Овие анализи се прават исклучиво врз основа на издадени наредби од страна на надлежниот суд. Сè друго што ќе се екстрахира од таквите уреди, без соодветна наредба, нема да има никаква доказна вредност во судската постапка. Законот за следење на електронските комуникации е кристално јасен во овој дел“, потенцираше Спасовски.
Тој повика на максимална будност и активирање на сите контролни механизми во државата, пред сè на Собранието и Граѓанскиот совет за надзор, кои имаат законска надлежност да вршат инспекција врз работата на службите.
На директното прашање од водителот дали додека тој раководел со МВР постоеле фамозните „дополнителни уреди“ за кои зборува актуелниот министер Панче Тошковски, Спасовски беше дециден:
„Не, такви дополнителни уреди во Министерството немаше, ниту пак имаше можност тие да бидат користени. Сè што постоеше како опрема и што беше поврзано со поранешниот систем за следење на комуникациите, беше уредно отстапено согласно законските одредби и реформата со која се формираше ОТА.“