Спасовски: Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ се врати стравот кај граѓаните дека некој ги следи и прислушува
РРедакција|
Секоја промена на власта и доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата со себе го носи и стариот страв кај граѓаните од полициски притисоци, шпионирање и загрозување на приватноста. Оваа сериозна загриженост ја изнесе поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник, Оливер Спасовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Спасовски повлече директна паралела меѓу актуелните најави во безбедносниот сектор и минатото, отворајќи го прашањето зошто во јавноста повторно се ревитализираат теми од времето на масовното нелегално следење на комуникациите.
Според поранешниот прв човек на МВР, реториката што доаѓа од новата власт повторно создава амбиент на несигурност меѓу граѓаните, кои почнаа да стравуваат за својата слобода и приватност.
„Сериозно се поставува прашањето: зошто секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, пред секој граѓанин се отвора таа перспектива дека некој може да нѐ следи, да нѐ прислушува и дека може да имаме одредени компликации во животот? Без разлика дали станува збор за следење или за инспекциски надзори од било кој тип со цел притисок, факт е дека во овој период повторно почнуваат такви стравувања кај граѓаните“, алармира Спасовски.
Спасовски потенцираше дека државата во изминатиот период изгради одржлив и законски систем каде што секоја мерка за следење е строго дефинирана. Но, тој предупредува дека институциите мора да останат во рамките на правото, а не да се трансформираат во алатка за политичка пресметка.
„Ние сега имаме уреди и системи кои се легално поставени и кои треба да служат исклучиво за безбедноста на државата и борбата против криминалот. Граѓаните не смеат да живеат во страв дека тие системи ќе се злоупотребуваат за политички притисоци“, заклучи Спасовски во своето гостување на 4ТВ.