Македонија

Спасовски: „Сејф сити“ е неопходен систем, но клучното прашање е како се складираат податоците

Спасовски: „Сејф сити“ е неопходен систем, но клучното прашање е како се складираат податоците

Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник Оливер Спасовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ оцени дека системот „Сејф сити“ е важна алатка за подобрување на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот, но предупреди дека институциите мора јасно да одговорат како се чуваат и користат податоците на граѓаните.

Спасовски истакна дека во современи услови не е можно ефикасно справување со криминалот и сообраќајните прекршоци со застарени методи.

– Не можете денес, со средства што се користеле во 90-тите години, да имате успешна борба против криминалот и да ја зголемите безбедноста во сообраќајот. Овој систем е една од клучните алатки што придонесува и за јавната безбедност и за безбедноста во сообраќајот – рече Спасовски.

Тој потсети дека системот за видеонадзор првично почнал да се поставува уште во 2012 година во Скопје, Куманово и Тетово, исклучиво за надзор на јавни површини, а подоцна бил надграден со цел да овозможи и контрола на сообраќајот, како и покривање на автопатиштата низ државата.

Според него, клучното прашање е како се складираат податоците, кој има пристап до нив и дали е гарантирана заштитата на личните податоци на граѓаните.

– Потребно е институциите да дадат јасни одговори: како се чуваат податоците, кој може да пристапи до нив и како се заштитуваат личните информации. За тоа постојат законски норми и процедури кои мора строго да се почитуваат – нагласи Спасовски.

Тој посочи дека подготовките за системот биле завршени уште во 2024 година, но смета дека требало да има подолг тест-период за прилагодување и на граѓаните и на самиот систем.

– Нашиот став беше да има најмалку една година тест-период, за да се согледаат сите недостатоци, да се направи широка кампања и прецизно да се дефинира заштитата на личните податоци – рече тој.

Спасовски оцени дека стартот на проектот покажал одредени недоследности, токму поради недоволниот тест-период, но сепак додаде дека системот веќе придонесува граѓаните да бидат повнимателни во сообраќајот.

Тој подвлече дека вакви системи функционираат во повеќе европски и развиени земји и дека нивната најголема предност е намалувањето на човечкиот фактор и селективноста при санкционирањето.

– Не смее да има селективност и заштитени лица. Системот не треба и не смее да биде злоупотребуван – изјави Спасовски.

Во однос на тврдењата дека постои можност одредени лица да бидат изземени од казни преку внесување податоци во системот, Спасовски рече дека не сака да верува во такви сценарија, додавајќи дека секоја власт мора да биде гарант на слободите и правата на граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни