Ефикасен систем за управување со отпад, согласно стандардите и регулативата на Европската унија, која е пресликана и во националното законодавство, може да се воспостави само преку создавање одржлив регионален систем за управување со отпад. Овој систем ќе овозможи решавање на проблемите со отпадот, негов соодветен третман, селекција, рециклирање и одлагање, со што ќе се отворат можности за развој базиран на кружна економија. Во Европската унија овој систем создава околу 500.000 нови работни места годишно.

Ова беа клучните пораки од панел-дискусијата „Воспоставување на регионален систем за управување со отпад како основа за циркуларна економија“, која денеска се одржа во организација на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад.
Пред присутните се обрати и министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа.
„Посветено работиме на промени на системот за регионално управување со отпад, а како и за секоја темелна реформа, потребна е поширока акција од сите вклучени страни. Отпадот во земјата предолго е отворено прашање кое мора да добие одржливи решенија. Во светот сите развиени земји се стремат кон намалување на количините на отпад преку селектирање и рециклирање. Нашата национална цел е да се намалат количините на отпад и да се ограничи депонирањето на максимум 65% од комуналниот отпад до 2034 година“, нагласи Хоџа.
Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (МАСВА), во која членуваат компании од оваа индустрија и експерти, апелира дека само преку интензивна соработка меѓу сите чинители може да се направи конкретен исчекор во процесот.

Претседателот на МАСВА, Михаил Матески, истакна:
„Создавањето одржлив систем за управување со отпад, преку селекција, рециклирање и ко-процесирање, бара интензивни инвестиции и тесна соработка. Системите за селекција, рециклирање и третман на отпад, како и примената на стандардите на Европската унија, имаат докажани позитивни ефекти за заедницата. Кај нас состојбите се алармантни и мораме да го зајакнеме стручниот пристап и ангажманот на сите засегнати страни за да го забрзаме процесот кој е веќе започнат. Одговорноста од сите вклучени страни е неопходна, а немањето конкретни активности веќе не е опција. Функционален регионален пристап за одржливо постапување со отпад е потребен што поскоро“, рече Матески.
На панел-дискусијата говореа и Филип Иванов, експерт за животна средина и член на МАСВА, м-р Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, проф. д-р Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, како и Фатмир Ејуп, генерален директор на Алпак Еко Скопје. Гостин на настанот беше и проф. д-р Александра Аниќ Вуќиниќ, претседател на Хрватската асоцијација за управување со отпад – ХУГО.
Во фокусот на дискусијата беа новите трендови и технологии во областа, како и побрза примена на постојните модели во земјата.
Според официјалните податоци, во земјава речиси 99,8% од собраниот комунален отпад завршува на депонии – практика што одамна е напуштена во Европската унија. Таму, наместо депонирање, се применуваат селекција, рециклирање и компостирање, како и преработка на отпадот што не може повторно да се употреби, со што значително се намалуваат количините на депониран отпад. Податоците покажуваат дека потенцијалот за рециклирање, компостирање и ко-процесирање во земјава е значителен, но не се реализира поради недостиг од селекција, инфраструктура и системска поддршка.
Дел од панел-дискусијата беше посветен и на селектирањето и рециклирањето на отпадот. Иако има одреден напредок, недоволно воспоставениот систем за управување со отпад создава аномалии. За постигнување поголеми ефекти, потребна е проактивна улога од сите чинители.

Покрај селекцијата и рециклирањето, беше истакнато дека ко-процесирањето не е само препорачан метод за отпадот што не може да се рециклира, туку и можност за производство на алтернативно гориво, што во услови на глобална енергетска нестабилност е од големо значење. Овој процес користи дел од отпадот за производство на енергенси и претставува современа, безбедна и еколошки одржлива технологија што се применува во развиените индустриски земји и во Европската унија. Во дел од тие земји, употребата на алтернативни горива, особено во цементната индустрија, надминува 90% од вкупните енергетски потреби.
Националниот план за управување со отпад и циркуларна економија предвидува дека од отпадот што нема да се депонира, околу 25% мора да се третира како R1 – гориво за енергетска употреба, што е потврдено и во документите на UNECE за националната политика за отпад.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година биле генерирани 790.866 тони комунален отпад, односно 438 кг по жител годишно. Од вкупните количини, 637.471 тони биле собрани од јавните комунални претпријатија, додека остатокот завршил на нестандардни депонии.
МАСВА е единствена асоцијација во која членуваат над 40 компании, организации и индивидуални експерти кои работат на развој на кружната економија и одржливото управување со отпад. Асоцијацијата е членка и на Меѓународната асоцијација за управување со отпад ISWA.