Македонија

Во трагичната несреќа на скопската обиколница загина баритонот Ристе Велков

Во трагичната несреќа на скопската обиколница загина баритонот Ристе Велков

Македонската музичка сцена и Националната опера и балет останаа без еден од своите најпрепознатливи уметници, откако баритонот и првенец на НОБ, Ристе Велков, трагично го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на скопската обиколница.

Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврдиле од Националната опера и балет.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила околу 23 часот на делницата меѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци. 76-годишниот Б.Б. од Косово, управувајќи товарно возило „МАН“ со полуприколка, изгубил контрола, ја пробил металната ограда и навлегол во спротивната лента, каде директно се судрил со автомобил „БМВ“ со скопски таблички, управуван од Р.В. (51) од Скопје.

Од силниот удар избувнал пожар во двете возила, при што автомобилот и кабината на камионот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипи на скопската противпожарна бригада.

На местото на несреќата животот го загубиле возачот Р.В., сопатниците А.В. (20) и П.М. (20) од Скопје, како и уште едно лице чиј идентитет сè уште не е утврден. По наредба на јавен обвинител, телата се предадени на обдукција.

Возачот на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Ристе Велков е роден во 1975 година во Скопје и важеше за еден од најистакнатите баритони во земјава. Како солист-првенец на Националната опера и балет, беше препознатлив по своите белканто изведби и по специфичната кадифена боја на гласот, поради што често беше нарекуван „италијански баритон“.

Во текот на кариерата реализирал 26 улоги, а во неговиот богат репертоар се издвојуваат главните улоги во оперите „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“ и „Травијата“.

Поради увидот, сообраќајот на обиколницата бил во прекин до раните утрински часови, а нормализиран бил околу 5 часот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни