Инспекциски тимови на Електродистрибуција во Штип откриле случај на нелегално користење електрична енергија во сервис за возила, лоциран на улица „Железничка“, информираат од компанијата.
Како што се наведува, акцијата била спроведена од екипите на Корисничкиот енерго центар во Штип, во координација со специјализираниот тим за откривање на неовластено користење на електрична енергија.
Според утврденото, кражбата на електрична енергија се одвивала во период од јануари до почетокот на мај 2026 година.
Од Електродистрибуција соопштија дека бил констатиран начин на противправно користење преку трифазно броило во мерен ормар, со скинати пломби и премостување на проводници на една фаза на влез и излез од броилото.
„Поднесена е пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР согласно член 235-а од Кривичниот законик и изготвена е фактура за надомест на штета во износ од 150.610,00 денари“, наведуваат од Електродистрибуција.