Јужноафриканската специјалистка за заразни болести Лусил Блумберг, додека на 1 мај проверувала електронска пошта за време на празникот, добила итна порака од колега од Обединетото Кралство. Во пораката се зборувало за патник од крстосувачки брод кој пловел илјадници милји во Атлантикот, а бил евакуиран и хоспитализиран во Јоханесбург поради сомнеж за пневмонија.
Во исто време, и други патници на бродот MV „Hondius“ пријавиле симптоми на болест, што ги ставило експертите од Јужноафриканскиот национален институт за заразни болести во трка со времето за да го утврдат причинителот на епидемијата, пренесува AP News.
„Иако беше празник, реагиравме многу брзо. Беше интензивно, имавме бројни разговори, онлајн состаноци и лабораториски тестирања истовремено“, изјави Блумберг.
Во рок од 24 часа, научниците утврдиле дека станува збор за хантавирус – редок вирус кој се пренесува преку глодари. Додека еден пациент се опоравува, тројца други патници починале, а уште неколку се разболеле.
Како беше идентификувана болеста
Првично, лекарите не биле сигурни што ја предизвикува болеста кај постариот британски државјанин кој бил примен во приватна болница во Јоханесбург во тешка состојба. Во меѓувреме, веќе биле регистрирани смртни случаи кај двајца патници од бродот, но без јасен аларм за поширока епидемија.
Здравствените власти од островот Вознесение (Ascension) пријавиле групирање на случаи слични на пневмонија до Светската здравствена организација. На почетокот постоеле сомнежи за легионела или птичји грип.
„Разговаравме со експерти и ги анализиравме најчестите причинители. Легионелата е позната по епидемии на бродови и хотели, а и грипот беше можен, особено поради патувањата во региони каде што има птичји грип“, изјави Блумберг.
Сите тестови за овие заболувања биле негативни, по што тимот почнал да ги анализира патувањата на патниците – од Аргентина и делови од Јужна Америка, каде што има глодари кои можат да го пренесуваат вирусот.
Клучниот момент на откривање
Тоа ги навело експертите на нова хипотеза – хантавирус, редок, но познат во делови од Чиле и Аргентина. Со помош на експерти од Јужна Америка и САД, организирани преку СЗО, била потврдена дијагнозата.
„Можете да се поврзете на онлајн состанок и веднаш да добиете стручен совет. Тоа навистина беше исклучително корисно“, додаде Блумберг.
Лабораториските тестови подоцна потврдиле присуство на андскиот сој на хантавирус кај заболените. СЗО ја информирала екипажот на бродот и била прогласена епидемија, иако вирусот не се пренесува лесно меѓу луѓе.