Македонија ја зајакнува својата дипломатска мрежа со ново присуство во Балтикот, со што се отвораат дополнителни можности за политичка и економска соработка со земјите од регионот.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ соопшти дека Владата донела одлука за отворање амбасада на Македонија во Вилнус, Литванија. Одлуката, како што рече, била позитивно прифатена од литванските партнери.
Тој ја оцени својата прва официјална посета на Литванија како исклучително продуктивна, нагласувајќи дека земјата претставува важен сојузник во НАТО и силен поддржувач на евроинтеграциите на Западен Балкан.
Посетата била реализирана во соработка со Литванската канцеларија во Скопје, а се совпаднала со низа значајни политички и економски разговори.
Андоновски информираше дека во Вилнус остварил средби со повеќе високи претставници, меѓу кои министрите за економија и иновации, за надворешни работи и за одбрана, каде што во фокус биле и темите поврзани со сајбер-безбедноста.
„Посетата ја искористивме за договарање на заеднички проекти во иднина. Литванија има подготвени иницијативи кои сака да ги пренесе кај нас. Разговаравме и за дигитализацијата како еден од клучните столбови на нивното претседателство со Европската Унија во 2027 година“, истакна Андоновски.
Како резултат на засилената соработка, тој додаде дека добил и официјална покана да учествува и да се обрати на голем технолошки самит што ќе се одржи во Литванија следната година.
Од Владата очекуваат дека новите дипломатски и технолошки врски ќе донесат конкретни придобивки за државата и граѓаните.