Македонија

ВИДЕО „Бог ти дал две раце и мозок, користи ги“: Македонските корени на милионерот Алекс Хормози

ВИДЕО „Бог ти дал две раце и мозок, користи ги“: Македонските корени на милионерот Алекс Хормози

Еден од најпознатите и највлијателни претприемачи во светот денес, Алекс Хормози, носи македонска крв. Човекот чии совети за бизнис, продажба и успех ги слушаат милиони луѓе ширум светот, своите најважни животни лекции ги добил токму од својот дедо – Македонецот Сребро Давидовски.

„Мојот дедо од Македонија беше личноста со која бев најблизок во семејството“, открива Хормози во едно од своите обраќања, споделувајќи ја животната филозофија на Сребро која длабоко се врежала во неговиот ум: „Никогаш не престанувај да работиш. Бог ти дал две раце и мозок. Користи ги.“

Од Маврово до американскиот сон

Приказната на семејството Давидовски е класична, но моќна емигрантска сага за почеток од нула. Сребро Давидовски ја напушта родната Македонија, поточно Маврово, за да студира во Франција. Во Париз, во текот на 1950-тите години, тој станува истакнат активист во дијаспората, помагајќи во основањето на Македонскиот национален фронт и активно застапувајќи ја македонската кауза.

Таму се запознава и се венчава со Олга Тогнет. По раѓањето на нивната ќерка Флоренс (мајката на Алекс), семејството се сели во Соединетите Американски Држави. Тргнувајќи од самиот почеток, Сребро гради успешна кариера како очен хирург.

Години подоцна, Флоренс се мажи за Дараб, бегалец кој ја напуштил својата татковина поради Иранската револуција. Дедото Сребро го зема својот зет под своја закрила. Учејќи од неговата работна етика, Дараб работи неуморно и отвора свои клиники, но подоцна се разведува од Флоренс. Алекс Хормози расте со својот татко, самохран родител, но врската со македонскиот дедо останува нераскинлива.

Фасцинантен е податокот што Хормози го споделува за една посета на дедо му во старски дом, кога Сребро имал 92 години. На прашањето за што најмногу жали во животот, старецот одговорил: „Што не работев понапорно“. А престанал да работи дури на 87-годишна возраст.

Две лица на менталитетот: Глад за успех наспроти удобност

Слушајќи ги радикалните совети на Хормози – како на пример оној дека „одењето дома за празниците тивко ве турка кон просечност“ – човек може да ја препознае токму таа сурова, искрена емигрантска амбиција. Нашата тешка историја несомнено создала силни и „гладни“ луѓе кои, кога ќе излезат во светот, почнуваат од нула и градат империи.

Но, паралелно со ова, дома се наметнува едно поинакво социолошко размислување. Додека македонските иселеници го освојуваат западниот пазар водени од капиталистичкиот дух, во татковината сè уште длабоко се чувствуваат трагите од 50-годишниот социјализам. Менталитетот олицетворен во мантрата „државна работа е најсигурна“ или навиката сметките да се покриваат преку претпријатието, тешко се прилагодува на суровиот, но праведен механизам на капитализмот.

Како што вели познатиот инвеститор Навал Равикант: „Ако си млад и не си социјалист, немаш срце. Ако си постар и не си капиталист, немаш памет.“ Се чини дека голем дел од нашето општество сè уште ја нема направено таа транзиција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни