Томовски: Владин авион не е луксуз туку потреба, граѓаните мора да го сфатат тоа
РРедакција|
Набавката на нов владин авион и обновувањето на државните ресурси се неопходни инструменти за функционалност на институциите, а не луксуз на поединци. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го порача директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, коментирајќи ги критиките во јавноста и политичките препукувања меѓу власта и опозицијата на оваа тема.
Томовски најпрво потврди дека СОЗР активно учествува во заштитата на околината и дека најавената набавка на електрични автомобили е само првиот конкретен чекор во таа насока.
„Ние сме дел од работната група за грижа на животната средина. Една од мерките кои требаше да ги преземеме се токму електричните возила, и еве, тој прв чекор веќе го правиме“, истакна тој.
Авионот и возилата не се приватна сопственост
Осврнувајќи се на дебатата за купување нов авион за владините потреби – тема која редовно наидува на отпор кај опозицијата, без оглед на тоа која политичка опција е на власт – директорот на СОЗР потенцираше дека државните средства им служат на граѓаните и на меѓународниот углед на земјата.
„Дебатираме дека е потребен авион, потребни се возила и потребен е имот кој е во сопственост на државата и на граѓаните. Тоа не е моја приватна сопственост. Ниту авионот, ниту возилата што ги спомнав ќе бидат мои. Тоа се инструменти со кои ние мора да располагаме за да можеме да опслужиме странска делегација или нашите министри и функционери кога патуваат надвор од државата“, објаснува Томовски.
Според него, ефикасниот транспорт на државниот врв е клучен за сериозни државни прашања кои носат директна корист за општеството.
„Без разлика дали станува збор за патувања за привлекување на разни странски инвеститори во државата или за спроведување на европските прашања, тоа е реална потреба, а не луксуз. Граѓаните тоа мора да го сфатат“, заклучи Томовски во „Ноќно студио“.